За факултетот

тмф ходник

Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје е истакната образовна и научноистражувачка институција, формирана во далечната 1959 година. Од 1965 година влегува во составот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во чии рамки работи и денес. Во своето повеќедецениско постоење, оваа институција даде значителен придонес во развојот на македонското стопанство, првенствено преку обезбедување на висококвалитетен и соодветно образуван кадар, притоа секогаш следејќи ги современите пазарни трендови и научни текови. Во сите овие години беше продуциран значителен број на дипломирани инженери, магистри и доктори на науки, кои со својата работа оставија белег во развојот на македонското општество.

Истовремено, факултетот активно и континуирано ја негува апликативната и научноистражувачката работа, земајќи учество во многубројни научноистражувачки и развојни проекти како за потребите на домашното стопанство така и за научни цели. Основната мисија на факултетот е и понатаму да обезбедува континуиран развој на соодветни кадри, со обезбедување на препознатливи и квалитетни наставни и научноистражувачки програми, да го задржи високото реноме во својот домен, како и да ги одржува и надоградува релациите со сродните научни институции и факултети.

Дополнително, факултетот активно вложува во унапредување на квалитетот на наставата, модернизација на наставните програми и развој на компетенции кои се барани во современото општество, како што се аналитичко размислување, решавање на проблеми, тимска работа и примената на нови технологии. Посветеноста кон квалитетот се огледа и во континуираното следење на развојот на науката и технологијата, како и во стремежот за создавање на средина која го поттикнува професионалниот и личниот развој на студентите.

Со својата традиција, искуство и посветеност кон напредокот, Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје претставува значаен столб во високото образование и научниот развој во државата. Како институција која гради иднина преку знаење, иновации и стручност, факултетот продолжува да ја остварува својата улога во создавањето на генерации инженери и научници кои ќе придонесуваат за развојот на индустријата, економијата и општеството во целина.